Русија конфискувала имот вреден 50 милијарди долари од почетокот на војната во Украина

Руските власти од почетокот на војната во Украина конфискувале имот вреден околу 50 милијарди долари, покажува ново истражување објавено од московската адвокатска канцеларија НСП (Некторов, Савељев и партнери).

Истражувањето, кое прв го објави весникот „Комерсант“, ја опишува оваа појава како дел од економски модел „Крепост Русија“, насочен кон затворање на економијата и државна контрола.

Во последните три години, претседателот Владимир Путин потпиша неколку укази со кои се овозможува конфискација на западни средства во Русија како одговор на, како што ги нарекува Москва, „нелегалните дејства“ на Западот. Меѓу погодените се германската енергетска компанија „Унипер“ и данскиот производител на пиво „Карлсберг“.

Покрај странски компании, и некои големи руски фирми се најдоа под ударот на национализацијата – било поради потреба од „стратешки ресурси“, било поради обвинувања за корупција, прекршувања во процесот на приватизација или слабо менаџирање.

Иако руската економија се покажа поотпорна од очекувањата, нејзината номинална вредност во 2024 година изнесува околу 2,2 трилиони долари – многу помалку од економиите на Кина, ЕУ или САД, според податоци на ММФ.

Путин тврди дека повлекувањето на западните компании ѝ овозможило на домашната индустрија да просперира. Тој повикува на „нов модел на развој“, спротивно на она што го нарекува „застарена глобализација“.

Над 1.000 западни компании – меѓу кои и „Мекдоналдс“ и „Мерцедес-Бенц“ – го напуштија рускиот пазар, дел со продажба или предавање на клучеви на локални менаџери, а други со конфискувани средства. 

Зачлени се на нашиот е-билтен