Русија денеска најави дека ќе и возврати на Украина по нејзиното истрелување американски ракети АТАКМС претходниот ден, напад кој за Кремљ претставува црвена линија во конфликтот.
„Тие акции на режимот во Киев, кои се поддржани од неговите западни тутори, ќе бидат предмет на одмазда“, предупреди руската војска во соопштението.
Во последниве недели, рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ќе и нареди на својата војска да го гаѓа центарот на Киев како одговор на украинските напади со американските ракети ATAКМС или британските проектили „Сторм Шедоу“, но досега тоа не го направи.
Претходно денеска руската армија соопшти дека вчера во текот на тој напад пресретнала осум ракети ATAКМС насочени кон руската област Белгород, која е на границата со Украина, и 72 беспилотни летала.
Руската армија не прецизира дали во нападот има жртви или материјална штета.