Во обид да ги зајакне своите дигитални граници, Русија лансираше национална услуга за пораки наменета да се натпреварува со странски гиганти како WhatsApp и Telegram, објави во петокот Сергеј Бојарски, претседател на Комитетот за информатичка политика на рускиот парламент.
Бојарски го опиша лансирањето на апликацијата како одлучувачки чекор за обезбедување на дигиталната инфраструктура во земјата. „Создавањето национален мултифункционален сервис, уникатен дигитален екосистем, ќе ја затвори последната празнина во нашата дигитална безбедност“, рече Бојарски, а пренесува турскиот портал Анадолу Ајанси.
Целта на иницијативата е да се заменат странските апликации со модерно домашно решение кое овозможува поголема контрола врз податоците и комуникацијата.
Конкуренција, а не забрана
„WhatsApp и Telegram можат да продолжат да функционираат, се додека целосно ги почитуваат нашите закони. Но, сега веќе нема да уживаат во предноста поради недостаток на конкуренција“, објасни Бојарски, отфрлајќи ги тврдењата за задушување на странските апликации.
Според Бојарски, ова е потег што е дел од пошироката дигитална трансформација на Русија, која вклучува домашна е-влада, локални социјални мрежи и онлајн банкарски системи. „Во многу други земји, обидите за воведување слични системи допрва почнуваат“, истакна тој.
Споменатиот проект го потврдува се посилниот руски фокус на дигиталниот суверенитет.