Ефикасната употреба на ракети со голем дострел од страна на Русија во нејзината војна против Украина ги убеди западните војски во нивната значајност за уништување на командни пунктови, транспортни центри и ракетни инсталации длабоко во заднината на непријателот.
„Руската армија денес е поголема отколку што беше кога ја почна војната во Украина“, изјави генерал-мајор Раферти во интервју за Ројтерс, дадено во американската воена база во Визбаден, Германија.
– И знаеме дека тие ќе продолжат да инвестираат во ракети со голем дострел, наведувани ракети и високотехнолошки системи за противвоздушна одбрана. Затоа е многу, многу важно да има повеќе способности во алијансата, нагласи тој.
Војната во Украина ја нагласи силната зависност на Европа од САД за ракети со голем дострел, а Киев се обидува да ги зајакне своите сили за противвоздушна одбрана.
Раферти до неодамна беше командант на 56-то артилериско командно место на американската армија во германскиот град Мајнц-Кастел, која се подготвува за привремено распоредување на американски ракети со долг дострел во Европа од следната година.
Се очекува на состанок со министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, во понеделник, неговиот германски колега Борис Писториус да добие објаснување дали ова распоредување, кое беше договорено меѓу Берлин и Вашингтон за време на мандатот на претседателот Џо Бајден, ќе се случи, откако во Белата куќа веќе е Доналд Трамп.
Русија го критикува планираното распоредување на американски ракети со долг дострел во Германија, тврдејќи дека тоа претставува сериозна закана за нејзината национална безбедност. Таа ги негира стравувањата на НАТО дека би можела да нападне членка на алијансата и ги посочува сопствените стравови од проширувањето на НАТО како една од причините за инвазијата на Украина во 2022 година.
Франција, Германија, Италија, Полска, Велика Британија и Шведска учествуваат во програма за развој на конвенционални ракети со долг дострел и копнено базирање, наречена Европски пристап за удар со долг дострел (ЕЛСА). Велика Британија и Германија во средината на мај соопштија дека ќе почнат со работа на развој на ракета со дострел од над 2.000 километри.