На денешниот последен состанок на министрите за одбрана пред Самитот на НАТО во Хаг се согласивме за амбициозен нов сет на цели за способност, изјави денеска генералниот секретар на Алијанската, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на министерската средба, на која учествуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
„Ова е многу важно. Овие цели точно опишуваат во кои капацитети сојузниците треба да инвестираат во наредните години – противвоздушната одбрана, борбените авиони, тенковите, дроновите, персоналот, логистиката и многу повеќе. Сето ова е потребно за да ги одржиме силни нашите одвраќање и одбрана силни и безбедни нашите една милијарда луѓе“, истакна Руте.
Тој нагласи дека оваа согласност е клучен прв чекор за тоа што му е потребно на НАТО и за да ги задоволат овие потреби, сојузниците ќе треба да инвестираат многу повеќе во одбраната.
„И тоа е сега работата што не очекува за (Самитот во) Хаг. Да се договори нов план за инвестиции во одбраната што ќе ни обезбеди доволно ресурси за да можеме да одвраќаме и да се браниме во овој поопасен свет“, додаде генералниот секретар на НАТО.
Руте најави дека ќе предложи инвестициски план што би предвидувал вкупни одбранбени издвојувања годишно на ниво пет отсто од БДП, од кои 3,5 отсто за основни трошоци одбраната за остварување на новите цели за способностите и уште 1,5 проценти во инвестиции поврзани со одбраната и безбедноста, како што се инфраструктурата и индустријата.
Тој додаде дека на средбата се разговарало и за „трајната поддршка“ на НАТО за Украина, потсетувајќи дека за оваа година сојузниците веќе ветија над 20 милијарди евра дополнителна безбедносна помош за Украина.
„Исто така, ги поздравувам дополнителните напори за поддршка што сојузниците ги ветија на вчерашниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина“, додаде Руте.
Генералниот секретар информира дека министрите во рамки на Советот НАТО-Украина имале средба и со нивниот украински колега Рустем Умеров, кој ги информирал за предизвиците на бојното поле, континуираните руски напади врз цивилни цели и континуираните напори за постигнување мир преку преговори.
„Сите сакаме да ја видиме оваа војна завршена со праведен и траен мир и целосно ги поддржуваме итните напори на претседателот (на САД, Доналд) Трамп за запирање на крвопролевањето“, рече Руте.
Тој додаде дека во рамки на министерската средба се одржал и редовен состанок на Групата за нуклеарно планирање, потенцирајќи дека нуклеарното одвраќање останува камен темелник на безбедноста на Алијансата.
„НАТО ќе остане нуклеарна алијанса се додека постои нуклеарното оружје. Ќе се погрижиме нуклеарниот капацитет на НАТО да остане силен и ефикасен, со цел да се зачува мирот, да се спречи принуда и да се одврати агресијата. Одвраќањето на НАТО е силно денес и преку одлуките што ги донесовме на овој министерски состанок се осигуруваме дека ќе остане силно за утре. Затоа, со нетрпение очекувам успешен Самит во Хаг кон крајот овој месец“, додаде Руте.
Тој информира дека министрите ја одобриле и номинацијата на американскиот воздухопловен генерал-потполковник Алексус Гринкевич за функцијата Врховен командант на сојузничките сили во Европа, кој на оваа позиција ќе го наследи генералот Крис Каволи.