Вашингтон воведе нови санкции против неколку компании и танкери вклучени во транспорт и преработка на иранска сурова нафта, а како дел од засилените напори да спречи финансирање на дестабилизирачките активности на Иран, соопшти денеска Стејт департментот.
Како што јави дописникот на МИА од САД, на удар се најде кинеската независна рафинерија Shandong Shengxing Chemical Co., Ltd, која, според американскиот надворешнополитички орган, досега купувала иранска нафта во вредност над една милијарда долари.
-Ова е втора акција од ваков тип против кинески „teapot“ (чајник) рафинерии откако претседателот Доналд Трамп го издаде безбедносниот меморандум на 4 февруари 2025 година, изјави портпаролката Тами Брус.
Санкциите опфаќаат и компании и бродови што се дел од таканаречената „флота во сенка“ на Иран, користена за заобиколување на ембаргото и за испорака на нафта во Кина. Според администрацијата на Трамп, санкциите ќе се спроведуваат во целост и во рамки на политиката на максимален притисок врз Иран.
-Сè додека Иран се обидува да профитира од нелегален извоз на нафта, ќе ги држиме одговорни и него и сите што му помагаат да ги заобиколува санкциите, се наведува во соопштението.