Салиу: „Апсолутно немам никаква вина за Кочани“

„Апсолутно немам никаква вина“, вели поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување во врска со пожарот кој настана во кочанската дискотека „Пулс“.

Актуелниот министер без ресор, како поранешен директор е опфатен во истрагата за пожарот, во кој загинаа 62 лица и околу 200 повредени.

„Апсолутно во тој поглед не чувствувам одговорност. Верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, доктор на политички правни науки. Осумнаесет години сум бил адвокат и сум работел во судови. Оставам на совеста на државата да одлучи, дали јас имам вина или немам. Лично, со душа и со срце тврдам дека апсолутно немам никаква вина во тој поглед.“ – Шабан Салиу поранешен дир. на дирекција за заштита и спасување.

Лидерот на партијата Демократска сила на Ромите, Салиу беше и во ефективен затворски притвор, а беше пуштен кон крајот на минатиот месец, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост. 

По два и пол месеци по пожарот предистражаната постапка заврши со 46 осомничени, а државниот обвинител, Љупчо Коцевски за ТВ 24 истакна дека не е исклучена можноста бројката да се зголеми, а за некои да биде прекината истрагата. Коцевски посочи дека почнува увидот на одбраната во доказите, а ОЈОГОКК продолжува со истрагата околу улогата на полицајците кои кобната ноќ беа во дискотеката „Пулс“ и не исклучува можност доколку се обезбедат докази, да станат осомничени. Коцевски вели, полицијата влегла во „Пулс“ 15 минути пред пожарот. 

Додека партиите продолжуваат со меѓусебно препукување, родителите на починатите очекуваат правда и неселективна истрага, а на последниот „Марш за ангелите“ кажаа дека трпението им е при крај. 

Зачлени се на нашиот е-билтен