Санацијата на пукнатата цевка во Карпош 4 ќе се врши на 21 декември, речиси цел месец по дефектот

Откако речиси две недели истекува вода на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, од ЈП Водовод и Канализација – Скопје денес соопштија дека интервенцијата ќе започне на 21 декември, односно за една недела.

Од „Водовод и канализација“ информираат дека со изготвување на сложен оперативен план за санација, опфатена е покрај оваа локација и санација на уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод Ф-1600 милиметри и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.

„Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф-1600, кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф-1600 милиметри. Затварање на вода на главниот градски вод Ф-1600 милиметри се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира. Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, дирекно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош“, се вели во соопштението.

Во меѓувреме, поплавени улици, тротоари и зелени површини, придружени со насобран смет, станаа секојдневие за жителите на Карпош 4. Дефектот, според локалното население, претставува сериозен проблем. Некои граѓани стравуваат дека гаражите во близина може да се поплават, особено поради дополнителните врнежи.

Зачлени се на нашиот е-билтен