СДСМ повика на повлекување на Законот за основно образование, којшто според партијата врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти.
„Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела. Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост“, рече Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.
Според опозициската партија, загрижува и одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи. Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, рече Николова, туку создава простор за насилство и дискриминација, особено во училиштата, кои треба да бидат најбезбедни за децата.