Социјалдемократите и денеска ја предупредуваат јавноста дека скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат.
Тие обзнанија дека по тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста дознава за нов тендер вреден 600.000 денари, кој по информации од свиркачи се сомневаат дека бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот.
„ДПМНЕ не го негираше тендерот туку го потврди а Андоновски досега молчи. Но замислете, во потврдата на ДПМНЕ нема барање одговорност, туку дрско прашуваат да сме кажеле ‘Дали вработениот е некој функционер или член на комисија која одлучува во однос на набавките’. ДПМНЕ не може ниту да го пере ниту да релативизира скандалот“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, како прво, во конкретниот случај постои основано сомнение за конфликт на интерес, како што постоеше и во предходно објавениот скандал со тендерот кој го доби сопруг на Државната секретарка Клинчарова.
Од СДСМ поитсетуваат, дека на крај на секоја постапка за јавни набавки, се потпишува лична изјава за непостоење на судир на интерес за истата!
„Во двата скандали што ги наведовме постои токму тоа, осован сомнеж за судир на интерес! Дополнително, тука се и информациите кои вработените ги имаат во однос на јавните набавки кои во министерството ќе се спроведат согласно годишниот план за јавни набавки. За предвидената вредност за конкретна постапка, спецификациите и тендерските документации пред да станат јавно достапни. Што значи секако дека може да влијаат во обезбедување помош, информации и слично. Во два одвоени случаи, токму најтесните семејни кругови на вработените во Министерството на Андоновски се токму оние кои ги добиваат тендерите во институцијата“, велат во СДСМ.
Затоа според нив, сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари се основани.
СДСМ бара и ДКСК да го прошири предметот кој рече дека е отворен за Андоновски и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води.
Исто така тие го повикуваат Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација.
Додаваат дека министерот Андоновски мора да понесе одговорност, а институциите мора да покажат дека функционираат и кога се во прашање функционери од ВМРО-ДПМНЕ.