СДСМ: Мицкоски ја турка државата во економски колапс, 83.000 работници во јануари останале без плата

Според СДСМ економијата тоне, компаниите не може да исплаќаат плати и отпуштаат вработени, а животниот стандард на граѓаните се влошува и тоа се поради неспособноста и незаинтересираноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувајќи се на најновите податоци, социјалдемократите тврдат дека, драстично расте бројот на компании кои не можат да исплатат плати, а бројот на отпуштени работници е алармантен.

„Официјалните податоци покажуваат дека околу 83.000 работници не ја добиле јануарската плата, а бројот на оние кои не добиле плата е зголемен за три пати во однос на лани! Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски ја турка државата во економски колапс. Компаниите се соочуваат со огромни финансиски проблеми, а Мицкоски и неговите министри не прават ништо за да го спречат економското пропаѓање. Само во минатата година 6% од работниците добиле отказ поради тоа што компаниите немале работа“, велат во СДСМ.

Тие го обвинуваат Мицкоски дека наместо да помогне, тој го уништува стопанството, ‘што резултира со масовни отпуштања во текстилната, автомобилската и кожарската индустрија и дека компаниите се принудени да отпуштаат работници или целосно да се затворат и ова е тренд кој допрва ќе се засилува’.

„Инфлацијата расте и таа сега изнесува над 5%, а кај храната и до 15%. За каков раст зборува премиерот кога луѓето едвај врзуваат крај со крај. До кога ќе ги лаже луѓето дека ние сме економски тигар кога во реалноста граѓатнеи еднај преживуваат. СДСМ јасно предупредува дека додека Мицкоски ја води Владата, економијата ќе продолжи да пропаѓа, стандардот на граѓаните ќе се влошува, а компаниите ќе затвораат. Даваме предлози и закони кои ќе го запрат пропастот и ВМРО-ДПМНЕ упорно игнорира. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е економски катастрофа! Наместо конкретни решенија, тие нудат неспособност и лаги, додека граѓаните и стопанството страдаат“, посочуваат од СДСМ.

Од СДСМ најавуваат дека ќе продолжат да се борат за стабилност, заштита на работниците и економски политики што ќе овозможат развој и подобар живот за сите граѓани. ‘Време е за одговорност и итни мерки – Македонија не смее да тоне поради некомпетентноста на оваа власт’!

Зачлени се на нашиот е-билтен