СДСМ: Мицкоски живее во паралелен свет, отсечен од реалноста, поскапувањата и мизерните плати

Социјалдемократите реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски и тврдат дека тој живее во паралелен свет, целосно отсечен од реалноста во која луѓето во Македонија едвај врзуваат крај со крај, се борат со поскапувања, мизерни плати, празни паричници и празни фрижидери. 

„Наводно „добрата економска слика“  која не може да ја продаде Мицкоски е уште една провидна манипулација со кои се обидува да ја замагли катастрофалната реалност во која живеат граѓаните. Постојано зголемување на цените, плати кои стагнираат, стандард кој постојано опаѓа, граѓани со се помалку пари. Тоа е болната реалност во Македонија. Не се исплаќа поратот на ДДВ, субвенциите за земјоделците се намалени и каснат, нема реализација на капитални инвестиции, власта доцни и не може плати да исплати“, велат од СДСМ.

СДСМ предупредува дека кога инфлацијата во државата е 3%, исто колку наводниот раст тоа значи дека се бесмислени било какви фалби, бидејќи нема никаков раст.

„Индустриското производство, еден од клучните индикатори за реалната економија, бележи пад од 0,8% во февруари 2025 во споредба со истиот месец лани. Тоа е јасен сигнал за опаѓање на економската активност. Граѓаните многу добро ја знаат реалноста, нема никаква економија што цвета – има економија што стагнира и народ што осиромашува“, велат од СДСМ.

Премиерот Мицкоски денеска пак тврдешќе дека македонската економија е рангирана на 4-то место според растот на бруто домашниот производ, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска.

Според него, откако е избрана оваа влада реалниот раст на БДП изнесува повеќе од 3%, додека, пак, прилагодениот раст изнесува 3,2%.

„Отворивме ново поглавје на економски раст и тоа е сериозен сигнал дека реформите даваат резултати. Ако сакаме до 2030тата да бидеме уште повисоко на листата, мора да го одржуваме просекот кој треба да биде повисок од 4%“, посочи Мицкоски.

Според премиерот, денешниот раст е сигнал дека државата се движи напред со посветеност, храброст и со јасна визија.

Зачлени се на нашиот е-билтен