Пратеничката на СДСМ, Соња Лукаревска денеска на прес конференција уште еднаш ја повика Владата на Мицкоски да ги прифатат предложените мерки се со цел да се спаси стандардпт на граѓаните. Таа рече дека ‘економијата во земјата е во слободен пад, граѓаните имаат се помалку пари поради енормните поскапувања и потребно е итно заедничко делување’.
„Наместо половични решенија бараме Владата и парламентарното мнозинство веднаш да ги прифатат предлозите на СДСМ за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна. Последната одлука да се ограничат маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци. Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени“, рече Лукаревска.
Лукаревска ја посоветува власта дека треба да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени а не овие покачени цени.
„Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи. Од овие причини, граѓаните нема да почувствуваат никаков ефект од овие половични и задоцнети мерки. За жал Владата се покажува како слуга на големите бизнис интереси, наместо да се бори за доброто на граѓаните“, рече Лукаревска.
СДСМ има конкретни законски решенија за стабилизација на цените и намалување на сметките за струја кои веќе се поднесени во македонското Собрание по итна постапка.
– Намалување на ДДВ за струјата на 5% струјата ќе донесе намалување на сметките за 13% веднаш! Граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно на сметка од 3.000 денари! Над 600.000 домаќинства веднаш ќе добијат намалени сметки!
– Со укинување на ДДВ за храна над 250 категории прехранбени производи ќе поевтинат веднаш! Ова значи директна заштеда за граѓаните од околу 2.000 денари месечно.
– Со севкупна примена на сетот мерки на СДСМ и Законот за нефер трговски практики ќе се дојде до намалување на цените за 30%.
Лукаревска со апел до сите пратеници во македонското Собрание да ги поддржат овие законски измени, затоа што само така ќе се заштити стандардот на граѓаните.
„Граѓаните заслужуваат поддршка, а овие мерки се вистинскиот начин за намалување на цените за храна и намалување на сметките за струја“, порача Лукаревска..