Пратеничката група на СДСМ подготвува специјален Закон со кој ќе се обезбеди конкретна и директна поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Законот, кој ќе биде поднесен до Собранието следната недела, е изработен по пример на практики од повеќе земји во светот кои реагирале со слични мерки по големи несреќи.
Како што истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за вестите на ТВ Алсат М, законот предвидува финансиска и институционална помош за семејствата на настраданите, како и дополнителна поддршка за оние кои имаат повредени членови.
„Целта е да им се помогне на семејствата полесно да ги пребродат тешките моменти и трошоците што произлегуваат од трагедијата. Дополнително, ќе се понуди финансиска поддршка за зајакнување на системите таму каде што е потребно“, нагласи Филипче.
СДСМ останува отворен за дискусија за сите прашања поврзани со случувањата, но инсистира на објективност и одбива какви било обиди за политички конструкции и лични дискредитации.
Во однос на денешниот протест на родителите на загинатите деца во трагедијата, што се одржа пред Собранието, претседателот на СДСМ нагласи дека средбата со нив била остварена на нивно барање, без политичка заднина.
„Сакам да потенцирам – нашата средба со родителите не е за политизација. Излеговме затоа што сме луѓе, затоа што нивната болка е длабока, а нивните барања беа конкретни. И покрај тоа што сме во комуникација со голем број на граѓани и семејства од Кочани во изминатиот период, сепак тие бараат и институциите да функционираат“, рече Филипче.
Тој посочи дека СДСМ не дава партиска поддршка на протестот и дека постои внатрешна насока во партијата да нема организирано присуство на протести, токму за да не се наруши автентичноста на реакцијата на граѓаните.
„Ние како политички партии друго може да направиме. Тоа што го направивме во Кочани со поддршка на независниот кандидат за градоначалник. Ајде да го смениме начинот на којшто политичките партии работат. Ако сите сме свесни дека на некој начин има вина во системот со којшто сме раководеле повеќе од 30 години наназад, буквално сите политички партии, тогаш сите политички партии треба да седнат и да најдат начин како тој систем да се смени“, изјави претседателот на СДСМ.