СДСМ обвинува дека нема да биде исполнето уште едно, како што велат, лажно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера беше соопштено дека се паузира идејата за нов Клинички центар. Од партијата на Венко Филипче ја критикуваат власта дека пред изборите ветувала модерен, нов Клинички центар кој ќе овозможи подобри здравствени услуги за сите граѓани.
-Денес, кога се на власт, признаваат дека нема да го реализираат ова ветување, а наместо тоа, нудат импровизирано решение – пребукирана Градска општа болница „8 Септември“ да стане регионален центар. Ова не е реформа во здравството, ова е уште еден доказ за неспособноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните нема да добијат подобра здравствена услуга, нема да се намалат листите на чекање, нема да има суштинско подобрување на системот. Напротив, само ќе се продлабочат проблемите во здравството, стои меѓу другото во партиското соопштение.