СДСМ прашува гласно и јасно: Зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага?

Истрагата за најголемата трагедија во историјата на Македонија, која требаше и мораше да донесе правда, се претвори во фарса. И по проширувањето на истрагата, едно е јасно: не се бара никаква одговорност од оние што кобната ноќ беа на функција во МВР, но и други институции кои морале и и имале должност да го превенираат настанот, велат од СДСМ.

„Вечерта на трагедијата, постоеле дежурни началници во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ. Тие имале директна надлежност. Имало полицајци на лице место – виделе сè: малолетници, пиротехника, хаос и премолчеле, не презеле ништо иако знаеле и за настанот и за тоа што се случувало таму. Трагедија е што денес никој од нив не е ни осомничен за настанот.

Ова е селективна правда на ВМРО-ДПМНЕ во која Тошковски ги штити своите и оние кои тој ги поставил на функциите. Да биде уште поцинично – дозволата за пиротехника, која е директна причина за пожарот, паѓа под МВР. Значи – пропустите на системот и превенцијата се целосно кај МВР и актуелното раководство од кое нема ниеден осомничен. Тошковски со ваква истрага ги до уништува семејствата на загинатите. Трагедијата ја претвора во уште поголема трагедија.

СДСМ прашува гласно и јасно: Зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага? Зошто се гонат функционери кои тогаш воопшто не биле надлежни, а не оние што таа вечер требало да спасуваат животи? Ова е класичен случај на политичко прикривање. Тошковски си ги штити своите. А јавноста гледа како трагедијата се претвора во уште поголема неправда. СДСМ нема да дозволи оваа лага да стане вистина. Ќе се бориме за целосна и неселективна одговорност. Без разлика на функцијата, без разлика на партиската книшка. Правда за Кочани значи одговорност за сите – особено за оние кои имале можност да спречат, а не мрднале со прст, тврдат од партијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен