За социјалдемократите конзеревативаната и погрешна идеја на премиерот Христијан Мицкоски да ги оданочува граѓаните, кои се немажени или неженети е погрешна бидејќи директно гази на правата и слободниот избор на граѓаните со што ја ништи нивната волја.
„Ваквите недемократски мерки немаат место ни во земјите од третиот свет, а не пак во демократски држави за кои се смета Македонија. Од друга страна, Мицкоски со ова уште еднаш потврдува колку нема допир со реалноста и не ги разбира граѓаните ниту нивните проблеми. Не ги разбира ниту младите, ниту луѓето што живеат сами, ниту семејствата што едвај врзуваат крај со крај. Наместо решенија, тој нуди казни“, реагираат од СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека има огромен број на луѓе кои сакаат да се во брак и да имаат деца што ќе ги гледаат како растат во радост, но од здравствени или други причини и не можат да ги имаат.
Тие го прашуваат Мицкоски дали е свесен дека секое трето дете живее во сиромаштија, но и дали е свесен за тоа дека половина милион граѓани живеат со плата под просечната?
„Што напарави Мицкоски да им обезбеди подобри услови на живот на овие луѓе, поголеми плати или пак сигурна иднина? Што направи за да им овозможи услови да растат деца во достоинство и со нормален приход? Проблемот е што младите со години ги бројат парите од месец за месец и гледаат што побрзо да заминат од тука. Проблемот е што премногу луѓе веќе ги спакуваа куферите и заминаа“, велат од СДСМ.
Од таму потенцираат дека Мицкоски е човек од високата класа бидејќи има саати од 60.000 евра и кој јаде папаја и манго за доручек, што значи дека тој не разбира што значат економски проблеми.
„Понекогаш луѓето не остануваат сами затоа што така избрале — туку затоа што животот ги принудил, а има и такви кои се плашат дека нема да можат да се изборат со сè што оваа држава им става на плеќи. Партнерството, љубовта и децата не се само желба, туку и одговорност, и тие многу добро ја знаат таа одговорност. Проблемот не е што луѓето се себични, туку што државата ги остава сами во таа борба. Ова не е време за казнување на луѓето, туку време за вложување во нив. Време е да се обезбедат плати од кои може да се живее, училишта со учебници, градинки со доволно места, здравство кое не ги остава родителите да молат и да чекаат со месеци. Време е да им се даде на луѓето причина да останат, да сакаат, да се венчаат и да имаат деца тука — затоа што веруваат дека тука има иднина“, посочуваат од СДСМ.
Според СДСМ, решението за негативниот наталитет и иселувањето не е во понижувачки даноци.
„Решението е во тоа да се покаже дека секој тука има своја вредност, своја шанса и своја поддршка. Оние што сакаат да останат и да изградат живот овде се храбри. Наместо да ги казнуваме, треба да ги поддржиме“, велат од СДСМ.