СДСМ: Таравари е фатен во обид за криминал, да си поднесе оставка, институциите да постапат

Од СДСМ, бараат министерот Арбен Таравари да си поднесе оставка и целосна истрага на институциите. Тие посочуваат дека Мицкоски и Таравари биле фатени во обид за сериозен криминал со паркингот на Клиничкиот центар.

Членката на ИО, Симона Цветаноски , денеска на прес конференција рече дека под притисок на СДСМ и на јавноста тие се повлекоа, и дека затоа Таравари најавил дека ќе го поништи спорниот тендер со албанската компанија „Ѓока констракшн“.

„Но, јавноста и граѓаните веќе знаат дека постои основано сомнение целиот дил бил предвреме договорен и затоа мора да има одговорност. Поништувањето на огласот не го побива фактот дека Владата на Мицкоски преку огласот на Министерството за здравство сама се согласила државата да се откаже од 99% од профитот и да добива само 1%. Ова е основа за корупција и доказ дека дека се основани сомнежите дека огласот бил однапред правен токму за Ѓока Констракшн и на штета на граѓаните и пациентите. Дополнително, фактот што во огласот како квалификација се барало компанијата да има градено мостови, што нема никаква врска со предметот на набавката, е јасен сигнал за истражните органи дека оваа спогодба била договарана, па затоа мора да се поведе постапка“, вели цветаноски.

Таа посочи дека доколку овој скандал остане без разрешница, повеќе од јасно ќе биде дека истото ќе се повтори со друга компанија и за секоја следна набавка.

„Јасно е дека оваа Влада, освен наместени тендери, нема интерес да работи нешто друго. Сите скандали што СДСМ ги објави досега потврдуваат дека постои сериозна тендерска мрежа со цел масовен грабеж и испумпување на буџетот кон приватни компании“, рече Цветаноски.

Зачлени се на нашиот е-билтен