СДСМ: Тошковски да не паничи на Фејсбук, туку да се соочи со неговата одговорност за Кочани

Паничните постови во кои Тошковски ѝ држи лекции на опозицијата да не го критикува, се ништо друго туку доказ за одговорноста што тој и неговите началници ја имаат за Кочани, истакнуваат во сооопштение денеска од СДСМ.

„Тошковски многу добро знае дека, покрај моралната, постои и кривична одговорност кај неговите началници против кои не се водат постапки. Добро знае дека има одговорност и кај низа други актуелни функционери против кои, исто така, воопшто не се водат постапки“, се наведува во реакцијата.

Тошковски стигна до 2012 година барајќи виновници, посочуваат од СДСМ, но никако не сака да ги види одговорните кои му се пред носот. „Правда за Кочани нема да има ако оние кои вечерта можеле да ја спречат трагедијата, а не го направиле тоа, не одговараат“.

За СДСМ се патетични изјавите на Тошковски кој прашува каде биле Артан Груби и Перпарим Бајрами, а токму тој ги пушти да избегаат.

„До кога ќе глуми опозиција? Откако е на власт повеќе од една година, Тошковски има само скандали – со избегани терористи и челници на ДУИ. Тошковски имаше шанса да биде херој, да го смени системот со тоа што ќе обезбедеше неселективна правда. Но, наместо тоа, реши да биде трагичар и да долее сол на раната на луѓето и семејствата од Кочани“, се нагласува во реакцијата на СДСМ.

Бркање вештерки од минатото и селективна истрага не е правда за Кочани, потенцираат од опозициската партија и додаваат дека Тошковски докажа дека тој е системот против кој се борат граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен