Додека државата гори, додека пожарникарите со мизерни плати се борат со пламените стихии, додека семејствата во Кочани молат за помош и чекаат државата да им помогне, Владата на Христијан Мицкоски ќе потроши 1,8 милиони евра од народните пари за да се луксузира, да прави логоа, брошури, тотеми и кетеринзи за ЕКСПО што ќе се случи дури во 2027 година, реагираше денеска СДСМ на прес-конференција на која се обрати Богданка Кузеска..
„Повеќе од 110 милиони денари ќе платат на приватна фирма за „визуелни идентитети“, столови со еко-кожа, тотеми, билборди, спотови, брошури, кетеринзи и престои на промотери цели 4 месеци во Белград“, посочи Кузеска на прес конферецијата. „Луѓето во оваа држава едвај преживуваат, платите стагнираат, нема пари за Кочани, нема пари нови пожарникарски возила, нема пари за ништо освен за промоција на Мицкокси и Владата. За тоа нема проблем да има речиси 2 милиони евра“.
Ова намера на Владата е чиста навреда за граѓаните, рече портпаролката на СДСМ.
„Владата со овој тендер ја покажува својата вистинска природа: луксузирана, одлепена од реалноста, во која министри и премиер си замислуваат дека народните пари се нивна сопственост за шетање по Белград и снимање спотови. И не само тоа. Овој тендер, кој вклучува медиумски кампањи, спотови, билборди, реклами на социјални мрежи, банери, соопштенија и цела инфраструктура за промоција отвора сериозно прашање: дали овие 1,8 милиони евра од буџетот всушност се уште еден начин Владата да си ја плати сопствената изборна кампања со пари од граѓаните?“, беше нагласено на прес конференцијата.
Дали токму преку овие тендери Владата ќе си обезбеди медиумски простор, билборди, видеа и маркетинг кој ќе го користи за сопствена пропаганда пред и за време на изборите? Ги прашуваме јавно: кој ќе одговара за ова расфрлање со нашите пари?, беа прашањата што беа упатени од СДСМ денеска.
„Ова не е влада на народот, ова е влада одлепена од реалноста, арогантна, без трошка чувство за одговорност кон граѓаните“ рече Кузеска. „Ги повикуваме граѓаните да видат на што се трошат нивните пари – да видат како Владата избра да се луксузира и да си прави промоции наместо да им помогне на оние кои секој ден се борат да преживеат“.
Од СДСМ порачаа дека „оваа ароганција мора да престане“.
„Оваа скапа срамота ќе ја разоткриваме до крај и ќе бараме одговорност за секој денар потрошен за оваа бесрамна авантура на Владата“, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.