Контраверзната фирма „Ѓока Контракшн“ од Албанија која се поврзува и со сериозни скандали во соседната земја, ќе управува со паркингот на Клиничкиот центар, велат од СДСМ. Ги повикаа надлежните институции и Државната комисија за спречување на корупцијата, да го истражат овој случај до крај, власта веднаш јавно да го објави Договорот и сите документи за целата постапка.
Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој е достапен и функционален, а не систем со корупциски афери на ДПМНЕ и ВЛЕН.Тие посочуваат дека ова е уште еден нов корупциски скандали во Министерството за здравство, предводено од Арбен Таравари.
„Додека здравството тоне, нема лекови, луѓе умираат и се’ се распаѓа, Таравари се занимава со шиткање на бизнисот со паркингот на Клиничкиот центар. Според јавно објавените информации, оваа фирма била единстен понудувач на огласот за јавно приватно партнерство кој го распишало Министерството за здравство. Тоа во старт е крајно сомнително. Дали дилот веќе бил направен пред да биде објавен огласот“, рече членката на ИО на СДСМ, Симона Цветаноски.
Од СДСМ, прашуваат – Каков е договорот што го склучил Таравари преку јавно-приватно партнерство и дали паркингот се доделува на„Ѓока Контракшн“ од Албанија на 20 години за само 1% да добива државата од вкупните приходи?
„Значи 99% од профитот за компанијата а само 1% од профитот за државата. Погубно. Зошто државата е оштетена со приход од само 1% од профитот? И зошто се доделува профитабилен паркинг на странска и воедно приватна компанија а не на некоја државна која веќе управува со паркинзи? Договорен само 1% профит за државата е крајно сомнително и отвора сомнежи за корупција“, прашуваат од СДСМ.
СДСМ бара министерот Таравари да одговори колкав е неговиот личен интерес во ова, изразен во проценти и дали постои провизија од оваа сомнителна зделка?
Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој е достапен и функционален, а не систем со корупциски афери на ДПМНЕ и ВЛЕН.