Ширум светот, им опаѓа возилата на водород. Во првиот квартал од 2025 година, глобалната продажба падна за повеќе од 11 отсто, додека ЕУ бележи драстичен пад од дури 91 отсто.
Иако се најавуваше како „гориво на иднината“, возилата со водороден погон сега го губат местото во светската автомобилска трка.
Најновите податоци покажуваат дека во првиот квартал од 2025 година, продажбата на овие возила паднала за повеќе од 11% во споредба со истиот период минатата година – вкупно се продадени само 2.119 возила ширум светот.
Европа забележа особено остар пад – во земјите на ЕУ се продадени само 39 возила на водород, што е дури за 91% помалку од минатата година.
Главните „играчи“ на овој пазар, моделите како Toyota Mirai и Hyundai Nexo, очигледно веќе не можат да привлечат клиенти.
Причините за падот се многубројни и познати: недоволна инфраструктура за полнење, високи цени на возилата, како и скапи сервиси и одржување.
И додека Кина и Јужна Кореја сè уште инвестираат во оваа технологија со помош на владини субвенции, САД и Европа се повеќе се свртуваат кон електричните автомобили, кои станаа главна насока за одржлив развој на транспортот.
Иако компаниите како Toyota и BMW не се откажуваат од водородот и продолжуваат да развиваат нови модели, јасно е дека оваа технологија тешко дека ќе се врати во центарот на вниманието без посериозни инвестиции и конкретни резултати на пазарот.