Се враќаат ли злогласните терористи? Повторно масовно се убива во Русија, Азија, Африка

Руската тајна служба ФСБ,. минатата недела објави дека нејзините агенти спречиле терористички напад на полициска станица во Москва, при што за време на операцијата биле убиени двајца членови на Исламската држава. Тие планирале напад со автомобил наполнет со плински боци. Во мобилниот телефон на еден од осомничените било пронајдено видео на кое се гледало дека тие се залагале за акции под знамето на ИСИЛ.

Исламската држава (ИСИЛ) преку порака објавена на Телеграм ја презеде одговорноста

За нападот на воената база во Сомалија, Исламската држава (ИСИЛ) преку порака објавена на Телеграм ја презеде одговорноста. Тврдат дека убиле повеќе од 20 војници во провинцијата Пунтланд во напад со два автомобил-бомби, пренесува Ројтерс.

Пред неколку години, во големи делови на Ирак и Сомалија, коалицијата предводена од САД ја уништи надмоќта на ИСИЛ, бидејќи Американците ги таргетираа нивните лидери. Иако повеќе не контролираат поголема територија на Блискиот Исток, членовите на сунитската исламистичка група продолжија да вршат терористички напади ширум светот и да инспирираат изолирани напаѓачи, пишува Њујорк Тајмс.

Трипати посилни

Во март 2024 година, ИСИЛ изврши напад на концертна сала во близина на Москва во кој беа убиени 143 лица. Напаѓачите беа членови на Исламската држава Хорасан (ИСИС-К), име дадено на регионот кој вклучува делови од Иран, Туркменистан и Авганистан. ИСИС-К, кој се обиде да нападне во Москва минатата недела, е активен долж границите на Иран со Авганистан и Пакистан и се бори против талибанската влада во Авганистан.

Во две експлозии во јануари минатата година загинаа речиси сто луѓе во иранскиот град Керман. ИСИЛ, исто така, ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад врз џамија во Оман минатата година, во кој загинаа најмалку девет лица. Во август 2024 година, по откажувањето на концертот на Тејлор Свифт во Виена, беше објавено дека нападот бил планиран од 19-годишен Австриец, кој му ветил верност на лидерот на Исламската држава.

Промената на ситуацијата во Сирија е плодна почва за зајакнување на ИСИЛ, посочуваат аналитичарите. Американскиот државен секретар Антони Блинкен предупреди дека Исламската држава ќе се обиде повторно да дејствува во Сирија по соборувањето на режимот на Башар ал Асад и нагласи дека САД се решени да го спречат тоа. Во јули, Пентагон предупреди дека нападите на Исламската држава во Ирак и Сирија се на пат од година во година да се удвојуваат. Но, врз основа на јавно достапните податоци, њујоршкиот The Soufan Center објавува дека бројот на нападите е тројно зголемен, на речиси околу 700.

Исламската држава е сунитска група која потекнува од Ал Каеда во Ирак, објаснува NYT. Под водство на Абу Бакр ал Багдади, тие ја искористија граѓанската војна во Сирија за да заземат тамошна територија. Потоа, во 2014 година, тие го освоија Мосул, вториот по големина град во Ирак, и прогласија калифат – држава управувана според исламските принципи. Абу Бакр ал Багдади се прогласи за калиф на сите муслимани. Тој беше убиен од Американците во 2019 година.

Заговорниците, членови на ИСИС, се под надзор на курдските борци

До 2017 година, ИСИЛ имаше контрола над големи области на Сирија и Ирак. Нивниот центар бил во сирискиот град Рака, и  ирачкиот град Мосул. Ројтерст потсетува дека во тие години извршија или инспирираа терористички напади врз десетици градови низ светот. По 2017 година групата беше уништена, преостанатите борци се расфрлани во неповрзани групи, нивното раководство е тајно. Тешко е да се процени колкава сила имаат денес.

Според разузнавачки извори, на Ројтерс,  од почетокот на 2022 година тројца нивни водачи и најмалку 13 високи оперативци во Ирак и Сирија се ликвидирани. Повеќе од девет илјади борци на ИСИЛ се затворени во 20 кампови низ Сирија, чувани од Сириските демократски сили (СДФ), курдска милиција, сојузничка на САД. Околу 42.000 од нивните жени и деца се во други кампови. Падот на режимот на Асад доведе до конфликт меѓу курдските сили и бунтовниците поддржани од Турција.

Новиот лидер на ИСИЛ е познат како Абу Хафс ал Хашими ал Кураиши, но малку се знае за него, бидејќи е во илегала.  Некои членови побегнаа од Ирак во Авганистан, Сирија или Пакистан. Повеќето се приклучија на огранокот на Исламската држава Корасан (ИСИС-К). Во јануари 2024 година, ИСИС-К изврши двоен бомбашки напад во Иран на поворка заа иранскиот генерал Касем Сулејмани кој беше убиен пред четири години во американски напад. Повеќе од 80 луѓе загинаа, а десетици беа повредени.

ИСИЛ дејствува и во Африка. Организацијата изврши серија терористички напади во Уганда, па се пресели во Демократска Република Конго. Во меѓувреме им се приклучија неколку други групи во Западна Африка, при што контролираат големи области на Мали, Нигер, северниот дел на Буркина Фасо и Северна Африка. Во јануари 2023 година, американската војска спроведе операција во која беше убиен водачот на ИСИЛ во северна Сомалија.

Во Европа, неколку терористички напади беа извршени од напаѓачи кои биле обучени во камповите на ИСИЛ во Ирак и Сирија: во Париз во ноември 2015 година, кога беа убиени 130 луѓе, на аеродромот и метрото во Брисел во март 2016 година, каде загинаа 32 лица. Во 2015 година, нападот во Тексас го извршија двајца мажи, за кои ФБИ утврди дека комуницирале со Исламската држава преку шифрирани пораки. Потоа, во 2016 година во Ница, Франција, повеќе од 80 луѓе загинаа кога камион со саморадикализиран возач влета во толпа.

Енигмата Трамп

Прашање е како новата администрација на Доналд Трамп ќе се позиционира кон Сирија. Трамп отворено зборува за повлекување на преостанатите деветстотини американски војници од Сирија. Тој неодамна ја пофали улогата на Турција во Сирија, говорејќи позитивно за неговиот однос со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Според The Soufan Center, неизвесно е дали Трамп ќе ги повлече американските војници, при што борбата против ИСИЛ ќе им ја препушти на Турците со што ситуацијта ќе биде во корист на ИСИЛ а на штета на Курдите, пишува Јутарњи лист.

Зачлени се на нашиот е-билтен