ТикТок, нема да биде забранет во Македонија, поради „предизвиците“ што ги пласираат корисниците на оваа социјална мрежа, а дел од нив имаат негативното влијание врз однесувањето на младите. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, рече дека е изработено упатство кое е веќе споделено со Педагошката служба од Министерството за образование и наука. Според упатството, наставниците во сите училишта, основни и средни, треба да разговараат со децата, со учениците за предизвикот што се случува на ТикТок.
„Ова се алатки со неограничени можности, но за жал, никој од нас никогаш не бил обучен како правилно да ги користи. Упатството ќе биде објавено, како и код што води до корисни веб-страници или алатки, што родителите можат да ги користат за да им го ограничат пристапот на децата“, вели министерот.
На тој начин родителите ќе можат да ограничат пристапот дома до конкретни веб-страници или апликации, да не можат да се симнуваат или да се употребуваат. „Сметавме дека ова треба да биде првиот чекор“, вели Андоновски.
Вториот чекор е Центар за побезбеден интернет што дополнително ќе дава ресурси и помош на овие деца. Центарот треба да се формира до крајот на годината.
„Третата можност што ни стои на располагање – целосно забранување на овие апликации. Кажав дека сум против нарушување на нет неутралноста и заземање страна во поглед на забранување аплкации. Затоа што ако забраните една апликација, голема веројатност е децата да се префрлат на некоја втора, а државата не смее да биде таа што постојано ќе забранува апликации и со тоа ќе ги наруши демократските принципи на општеството“, вели Андоновски.