Во писмото до јавноста, Росица Кулакова, сестрата на загината Фросина, вели дека добила информација дека адвокатот на обвинетиот Васил Јованов, Сашо Дукоски на утрешната конференција за медиуми има намера да објави некакво видео на кое се гледа како Васо вришти над мртвото тело на мојата сестра.
„Познавајќи го неговото минато и адвокатски стил, јасна е целта на Дукоски: да го очовечи убиецот на сестра ми. Да покаже како вришти затоа што му е жал за Фросина, а тој всушност вришти затоа што знае што следи и што го чека него! Вришти затоа што знае што го чека со оглед на неговото криминално минато. Испраќам апел до сите медиуми видеото да не биде објавено, прво од почит кон починатата, а потоа и кон семејството како и кон целата јавност што е веќе доволно згрозена од оваа трагедија. Па не ли беше доволно хорор…“, се вели во писмото на Росица Кулакова.
На 29 јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во вечерните часови Васил Јованов со возилото на неговиот татко со огромна брзина, без возачка дозвола, на црвено светло, на пешачки премин ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.