Досегашниот шеф на австриската дипломатија Александар Шаленберг денеска положи заклетва како привремен канцелар на земјата.
Претседателот на Австрија Александар Ван дер Белен изјави дека функцијата му ја доверува на членот на сојузната влада со најдолг стаж, пренесе јавниот сервис ОРФ.
Шаленберг со ова по втор пат станува вршител на должноста канцелар, откако на истата позиција застана и во 2021 година, кога поранешниот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради обвинувањата за корупција, а ќе остане и министер за надворешни работи додека не се формира нова влада.
За денеска е закажан телефонскиот разговор на Шаленберг со германскиот канцелар Олаф Шолц, а викендов треба да разговара и со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Поради преземањето на функцијата канцелар, Шаленберг мораше да ги одложи планираните патувања во Сирија и Турција.