Шефчович: ЕУ е подготвена да преговара со САД за царините, но не може да чека бесконечно

ЕУ силно претпочита преговори со САД за царините, но не можеме да чекаме бесконечно, изјави денеска еврокомесарот за трговија Марош Шефчович на прес-конференција по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

„Ние сме целосно подготвени да преговараме кога нашите американски партнери се подготвени, ќе биде потребно време и напор за да се ангажираат САД. Засега не гледаме никакви чекори кои би довеле до заемно прифатливо решение“, додаде еврокомесарот.

Шефчович рече дека Унијата ќе воведе царини за пониска сума од првично планираните 26 милијарди евра за американски стоки, откако ќе ги послуша ставовите на националните влади.

„Ние не се занимаваме со одмазда заснована на принципот „око за око“, рече Шефчович за новинарите, додавајќи дека мерките на ЕУ ќе бидат поблаги од оние што ги воведоа САД.

Франција и Италија побараа бурбон вискито и некои други производи да бидат отстранети од списокот, поради страв од можни американски контранапади. Конечната листа на производи ќе биде испратена до земјите членки денеска, а гласањето е закажано за 9 април.

Тој појасни дека во февруари предложил нула царини за трговија со автомобили и индустриска стока и таа опција останува отворена.

Шефчович прецизира дека оваа вечер земјите од ЕУ ќе добијат список со предлози за европски контрамерки на американските царини. Според него, доколку бидат одобрени, се очекува овие мерки да стапат во сила од следната недела.

Шефчович објасни дека американските тарифи влијаат на 70 отсто од извозот на ЕУ, или стоки во вредност од околу 380 милијарди евра.

„Подготвени сме да ги искористиме сите средства со кои располагаме за заштита на единствениот пазар“, рече еврокомесарот.

Тој додаде дека ЕУ не сака да ја ревидира својата политика за ДДВ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен