Кривичниот совет на Апелацискиот суд во Штип денеска ќе одлучува по жалбите на Основното јавно обвинителство Кочани за куќниот притвор на двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илиев, кои се дел од осомничените во истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Ова за државната новинска агенција МИА го потврдил претседателот на штипска Апелација, Тони Делев, откако Кривичниот совет од Основниот суд во Кочани ги прифати жалбите на осомничените градоначалници и првично одредената мерка ефективен притвор од 30 дена им ја замени со куќен притвор.
На ваквата одлука кочанското Основно јавно обвинителство вложи жалба до второстепениот суд. Дополнително, затворскиот притвор ѝ беше заменет со куќен и на поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, но за неа Обвинителството не поднесе жалба.
Таа, како што информираа вчера од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во жалбата пред Основниот суд во Кочани изнела околности и причини поради кои надлежното обвинителство се согласило дека мерката куќен притвор е адекватна, поради што нема да се жали пред повисокиот суд во Штип.
Во врска со жалбите на Обвинителството за двајцата ексградоначалници на Кочани, претседателот на штипска Апелација вели дека предметот кај нив пристигнал во четвртокот и Кривичниот совет ќе го разгледува во петок и веднаш ќе одлучува. Одлуката, како што кажал тој, ќе биде објавена на веб-страницата на Судот.
Во притвор засега останува актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата поднесе оставка од функцијата.