Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха денеска изјави дека Киев и Вашингтон работат на „заемно прифатлив“ договор за минералните ресурси.
Договорот за кој долго се разговара се смета за клучен за напорите на Киев да ја задржи американската поддршка, додека Украина е загрижена дека американскиот претседател Доналд Трамп се приклонува кон руските планови за прекин на огнот во разговорите што ги оставија настрана Украина и Европа.
Сибиха на прес-конференција денеска рече дека веќе е одржана една рунда консултации и дека договорот за минерали, што предвидува силно американско присуство во Украина, ќе придонесе за безбедноста на неговата земја.
-Процесот ќе продолжи и ќе работиме со нашите американски колеги за да дојдеме до заемно прифатлив текст за потпишување, рече украинскиот министер.
Украина претходно најави дека западните безбедносни гаранции се клучни за секој прекин на огнот.
Трамп рече дека САД ниту ќе обезбедат, ниту ќе поддржат присуство на мировници во Украина, но изјави дека присуството на американски компании во таа земја ќе биде доволна гаранција.
Трамп го предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе се соочи со „големи проблеми“ доколку се повлече од договорот што ќе им овозможи на САД пристап до ресурсите на неговата земја.
Вашингтон го изнесе проширениот предлог откако двете страни не потпишаа рамковен договор за време на посетата на Зеленски на САД кон крајот на февруари, што заврши со жестока вербална размена меѓу двајцата водачи.
Ревидираниот нацрт ќе предвиди Киев да го испраќа во Вашингтон целиот профит од фондот што ги контролира украинските ресурси, се додека Киев не ја врати целата американска воена помош со камата, според резимето до кое увид имала агенција Ројтерс.
Зеленски во петокот рече дека Украина нема да прифати никаков договор за правата на минералните суровини што ја загрозува нејзината интеграција со Европската унија, но дека е премногу рано да се донесе пресуда за ревидираниот договор.