Драги сограѓани, драги сопатници во заедничкото македонско патување и патешествие, во нашето споделување на арното и лошото, денеска е тој ден, најден, со заслужени суперлативи – најдолг, најсреќен, најубав, ден кога нешто оставаме како спомен од минатото и со себе ја земаме надежта за поубава година, се наведува во честитката што денеска ја упати претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по повод новогодишните празници.
– Како и во вашите животи, и во мојот, има и подеми и падови, но и стотици причини и мотиви да не се откажуваме. Ние секогаш имаме обврска да чекориме напред и кон подобро, заради нас самите, заради нашите деца и за општото добро. Мудриот рекол една гранка лесно се крши, но кога десет гранки ќе се сплотат, тоа е невозможно.
Да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и достоинствен живот, ранливите ̶ поддршка, а младите ̶ инспирација, мотив и иднина. Имаме насушна потреба од еколошка правда и договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина, порача претседателката Сиљановска-Давкова.