Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сирија бара од Москва да го екстрадира Асад

Сирискиот лидер Ахмед ал Шара побара од Москва да го екстрадира поранешниот сириски претседател Башар ал Асад, кој по падот на неговиот режим побегна во Москва, пренесе Еуроњуз.

Сириската новинска агенција Сана јави дека Дамаск сака Русија, која го поддржуваше Асад во граѓанската војна, да ја обнови довербата со сириските лидери преку „конкретни мерки како компензација, реконструкција и закрепнување“.

Новата сириска администрација по вчерашните разговори со руска делегација предводена од рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов соопшти дека истакнала оти „обновувањето на односите мора да ги реши грешките од минатото, да ја почитува волјата на сирискиот народ и да му служи на неговите интереси“.

Неименуван извор изјавил дека руската страна не сака да ги признае грешките и дека е постигнат договор само за продолжување на разговорите.

На прашањето да потврди дали од Русија било побарано да го екстрадира Асад и да плати отштета, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одби да коментира.

Русија, чии војници и воздухопловни сили со години го поддржуваа Асад против сириските бунтовници, се обидува да ја задржи својата поморска база во Тартус и воздухопловната база Хмејмим во близина на пристанишниот град Латакија.

Зачлени се на нашиот е-билтен