Сирија е подготвена да соработува со САД за враќање на Договорот за безбедност со Израел

Сириските власти денеска соопштија дека се подготвени да соработуваат со САД за враќање на Договорот за безбедност од 1974 година со Израел.

Откако во декември минатата година беше соборен сирискиот претседател Башар ал Асад и власта ја презеде исламистичка коалиција, Израел изврши стотици напади врз Сирија и распореди војници во демилитаризираната тампон-зона на Голанска Висорамнина, кршејќи го Договорот за безбедност.

Новиот исламистички лидер Ахмад ал Шара не возврати воено, а официјален Дамаск призна дека води индиректни разговори со Израел за намалување на тензиите.

Сирија се стреми да соработува со САД за да се врати на Договорот за (воено) раздвојување од 1974 година, изјави шефот на сириската дипломатија Асад ал Шаибани во телефонски разговор со американските колега Марко Рубио.

Претходно, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар наведе дека Израел е „заинтересиран“ за нормализирање на односите со соседните Сирија и Либан. Но, тој нагласи дека Израел нема намера да го врати делот од сириската Голанска Висорамнина што го освои во 1967 година и го анектираше во 1981 година.

По Договорот за раздвојување формирана е демилитаризирана тампон-зона под мониторинг на ОН во Голанска Висорамнина.

Зачлени се на нашиот е-билтен