Следните пет години нема да бидат полесни, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен откако новите еврокомесари положија заклетва пред Судот на правдата на ЕУ. Во својот говор посветен на овој настан, таа истакна дека европските комесари денеска ветуваат дека ќе направат се што е во нивна моќ за да ја заштитат ЕУ.
Според Фон дер Лајен, ќе продолжат обидите за промена на меѓународниот поредок чија цел е сеење страв и поделба во демократските општества.
„Личните слободи никогаш не треба да се земаат здраво за готово, ЕК и Судот на правдата на ЕУ се чувари на владеењето на правото, демократијата и општествениот напредок“, додаде таа.
„Глобалната конкуренција се засилува. Денес се потпираме на конкурентноста, но во другите делови на светот има мислења дека конкурентноста се постигнува на сметка на партнерите, дека прекршувањето на заедничките правила дава предност. Во Европа знаеме дека е токму спротивното“, рече Фон дер Лејен.
Таа вети големо намалување на европските барања за економска активност, без тоа да биде на сметка на работниците и природата. Според неа, на ЕУ и треба стабилен правен амбиент.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ се заснова на почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучително и оние на малцинствата.