Случувањата во источниот Медитеран и на Блискиот исток во фокусот на мултирателарната средба Грција-Франција-Кипар-Либан

Многу е важно што Франција е активно присутна во случувањата во источниот Медитеран и што овој стратешки формат меѓу Франција и Либан, кој има голема историска длабочина, сега ги вклучува и Кипар и Грција, земји кои се и фактори и столбови на стабилноста во источниот Медитеран, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по мултилатералната средба на највисоко ниво Грција-Франција-Кипар-Либан и оцени дека овој формат ќе има континуитет „бидејќи нашите интереси во поширокиот регион се целосно усогласени“, јави дописничката на МИА од Атина.

Средбата се одржа во Париз, со учество на грчкиот премиер и претседателите на останатите три земји Емануел Макрон, Никос Христодулидис и Џозеф Аун, а преку видеоконференција бил вклучен и привремениот претседател на Сирија Ахмед ал Шара.

Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека во фокусот на разговорите биле актуелните случувања во источниот Медитеран и на Блискиот Исток, со акцент на прашањата за безбедноста, миграцијата, поврзаноста и енергетиката, а Мицотакис акцентот го ставил на безбедносните предизвици за регионот, како и на заедничкиот предизвик за бегалското и миграциското прашање, особено за Либан, кој се соочува со зголемен притисок на границите со Сирија, како и со Кипар.

Мицотакис по состанокот рече дека разговарале за поддршката за новата либанска Влада и дека на новиот претседател „потребна му е нашата поддршка за да се стабилизира неговата земја“.

„Во овој контекст, ја повторивме нашата подготвеност да ги поддржиме либанските вооружени сили во пракса, за да можат да го остварат националниот суверенитет, особено во чувствителниот јужен Либан. И таму, дозволете ми да повторам дека е исклучително важно, од сите страни, да се одржи прекинот на огнот што е договорен за да не се отвори повторно фронт на непријателства во јужен Либан“, рече Мицотакис.

Според државната новинска агенција на Либан ННА, претседателот на земјата Џозеф Аун, ги информирал Макрон, Христодулидис и Мицотакис дека „израелските напади и закани против јужните предградија на Бејрут се продолжување на израелското прекршување на договорот за прекин на огнот што беше спонзориран од Франција и САД“ и додал дека меѓународната заедница „мора да стави крај на овие напади и да го принуди Израел да го почитува договорот, слично на обврските на Либан“.

Францускиот претседател Емануел Макрон преку Икс, пред средбата, му посака добредојде на либанскиот претседател порачувајќи дека „Либан и Франција секогаш одат напред заедно“, а подоцна информираше дека заедно со Аун, разговарале телефонски со привремениот претседател на Сирија Ахмед Ал Шара.

Тој додаде дека зборувале за инклузивноста на формирањето влада, како и за продолжувањето на борбата против тероризмот.

Претседателот на Кипар Никос Христодулидис истакна дека на состанокот имале „многу плодна дискусија фокусирана на случувањата и предизвиците со кои се соочува регионот на Источниот Медитеран“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен