Средба на Сиљановска со независни советници кои ги оспоруваат измените на Изборниот законик за бројот на потписи за независни кандидатури

Независните советници се сретнаа со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на која побараа рамноправен изборен процес

Независните советници сметаат дека со актуелните измени на Изборниот законик што предвидуваат обврска за собирање повеќе од 1 отсто потписи од електоратот за поднесување независни кандидатски листи во некои општини, се доведуваат во нерамноправна положба во изборниот процес. Ваквиот став тие го изнеле денеска на средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

За нив, како што информираат од кабинетот на Сиљановска, горенаведените измени се противуставни како од процедурален заради скратената постапка, така и од материјален аспект заради дискриминацијата. 

-Тие очекуваат од пратениците законско решение што ќе води сметка за уставно загарантираната еднаквост на пасивното и активното избирачко право на секој граѓанин, поттикнување на политичкиот плурализам и овозможување фер и демократски избори, се вели во соопштението од канинетот на претседателката. 

Сиљановска Давкова ја реафирмирала потребата од инклузивна постапка во функција на постигнување широк консензус за измените на Изборниот законик, почитување на меѓународните изборни принципи, правила и добри практики, како и водење сметка за одлуките на Уставниот суд.

Зачлени се на нашиот е-билтен