Сојузот на синдикати: Не можеме веќе да живееме со мизерни плати

„Најголемите виновници за иселувањето на младите се работодавачите во приватниот сектор“, обвини денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, откако немаше договор за минималната плата, на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), со работодавачите од приватниот сектор, во Владата.

Од Сојузот на синдикатите очекуваат, Владата да ги распредели парите од Буџетот, според предвиденото со општиот колективен договор, сите вработени во државата, наредната година во месец март да добијат зголемување на платите по процент и коефициент на сложеност по просечна плата. Претседателот на ССМ, Трендафилов, потенцира дека поради нискиот животен стандард на граѓаните неопходно е приватиот сектор да даде минимална плата од 450 евра.

„Не можеме да издржиме повеќе да живееме со такви мизерни плати кои ги даваат работодавачите во приватниот сектор. Тие може да кажуваат, да даваат изјави дали треба да се зголемат платите, дали не треба да се зголемат платите меѓутоа да внимаваат следниот пат кога ќе кажуваат дека нема работна сила во Македонија. Најголемите виновници за иселување на квалификуваните работници од Македонија се токму тие“ рече Трендафилов.

Организацијата на работодавачи, не сака покачување на работничките плати. Претседателката на оваа организација, Владанка Трајкоска, смета дека не може да биде прифатливо паушално зголемување на минималната плата, бидејќи постоеле параметри врз основа на кои се определува висината на минималецот.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денеска рече дека Владата нема да се меша во преговорите меѓу ССМ и работодавачите.

„Зголемувањето на платите во приватниот сектор нема да биде проблем за Владата, бидејќи, товарот ќе падне на работодавачите. Ние ќе имаме приходи. Работодавачите ќе треба да уплатат повеќе пари во буџетот“, рече Мицкоски.

Сојузот на синдикати и Организацијата на работодавачи, повторно ќе ги вкрстат аргументите, наскоро, на нова седница на Економско социјалниот совет, во Владата.

Зачлени се на нашиот е-билтен