Премиерот Христијан Мицкоски, солидарниот данок го гледа како грешка на минатата власт и рече дека ќе најде начин да ги врати парите кај богатите газди. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и во 2022 година кога се носеше Законот за данок на добивка не гласаа, иако вакво законско решение, за солидарен данок има речиси во сите земји на Европската Унија.
Уставниот суд вчера одлучи, државата да им врати близу 50 милиони евра на богатите газди од 156 компании кои платиле солидарен данок на државата во 2023 година.
„Одлуката на Уставниот суд е конечна и мора да се почитува, рече премиерот Христијан Мицкоски. Сега, наместо да инвестираме на друго место, ни требаат 50 милиони евра за да исправиме нечии туѓи грешки“, рече Мицкоски.
Законот за данок за солидарност, предвидуваше данокот да го плаќаат само моќните компании што во 2022 година оствариле приход од над 10 милиони евра. Овие компании на разликата во добивката во однос на претходните три години, ќе платат данок по стапка од 30 отсто.
Целта на овој закон беше секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од кризата.
„Предлог законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка. Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари (10 милиони евра –н.з)“, се наведува во законот.
Уставниот суд го укина законот за солидарно оданочување. Тоа значи дека државата мора да врати 49,2 милиони евра на 156 компании. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека компаниите сега, во рок од пет години, доколку сметаат дека нивните права се повредени со овој закон, имаат право да бараат враќање на парите.
За експертите, Уставниот суд донел срамна одлука.
„Солидарен данок се воведе во цела ЕУ, но ниту една држава не го прогласи за неуставен“, изјави Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски политики, за тв 24.
„Ова не е зголемување на некој данок кој компаните веќе го платиле, туку е сосема нов, а државата има право да го воведува. Нема никаква ретроактивност, вели тој, оти данокот се однесува на периодот што доаѓа, но основица за негова пресметка се стари податоци од финансиското работење на компаниите, што е најнормална работа“, вели Јовановиќ.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, во чие време се воведе данокот на солидарност и денеска стои зад одлуката.
„Во одреден момент, кога сакате да се справите со кризи, носењето на солидарниот данок беше нужно. Дали времето беше добро избрано, најдобро знае тогашната опозиција. Тие најдобро знаат зошто тогаш го блокираа и не го гласаа во Собрание и сега тие се причината за нанесената штета. Ова денеска е последицата.“
Според одлуката на Уставниот суд, државата во рок од 5 години на 156 компании мора да им врати 50 милони евра, плус камата. Против поништувањето беше единствено судијката Добрила Кацарска, која во издвоено мислење, се изјасни дека законот имал еднократна намена, завршил и не постои во правниот систем. ТВ 24 дознава дека по одлуката, таа ќе напише ново издвоено мислење.