Војната во Украина и односите на Европската Унија со Велика Британија и со САД ќе бидат главни теми на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), што денеска и утре ќе се одржи во Варшава. На утрешниот дел од состанокот на европските министри ќе им се придржат и шефовите на дипломатии од земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.
Домаќини на собирот се шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Заседанието почнува попладнево со дискусија за клучните прашања во односите на ЕУ со Велика Британија, на која ќе присуствува и британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами.
Утре претпладне состанокот ќе продолжи со расправи посветени на руската агресија врз Украина и на односите на ЕУ со САД.
По овие дискусии ќе следи неформален работен ручек на кој на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе им се придружат и нивните колеги од државите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово Молдавија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
Предвидено е на ручекот да се дискутира за предизвиците за европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на градењето отпорност на хибридните закани.