Состојбите во Шенген зоната, ЕТИАС системот, миграцијата, внатрешната безбедност и борбата против трговијата со дрога и организираниот криминал ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ на ниво на министри за внатрешни работи во Брисел.
Состанокот, со кој ќе претседава полскиот министер за внатрешни работи и администрација Томаш Сјемоњак, како претставник на земјата актуелен претседавач со ЕУ, ќе започне со дискусии поврзани со функционирањето на Шенген зоната, при што ќе бидат разменети мислење за ефикасноста на системот за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени.
Се очекува министрите да разговараат за предизвиците поврзани со враќањето на илегалните мигранти, како што се недостигот на ресурси, недоволната соработка од страна на земјите на потекло и транзит на мигрантите и ниското ниво на размена на информации. Се превидува и министрите да се изјаснат за усвојување на одлуката со препораки за справување со предизвиците поврзани со процесот на враќање на мигрантите.
Во продолжение министрите за внатрешни работи ќе разговараат за патоказот за почеток на имплементацијата на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС), како и за регулативата за старт на функционирање на Системот за влез и излез (ЕЕС).
ЕТИАС системот предвидува државјаните на над 60 земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ за престој во период до 90 дена, меѓу кои и граѓаните на Северна Македонија, да мора да поднесат барање за одобрение за патување во државите од Шенген зоната.
Апликацијата за овластување за патување во Шенген зоната ќе треба да се пополни по електронски пат најдоцна 96 часа пред планираниот влез во земја членка на ЕУ. Лицата на возраст од 18 до 70 години при аплицирањето ќе треба да платат седум евра, додека за малолетници и за лица над 70-годишна возраст документот ќе биде бесплатен. Одобрението ќе важи три години од датумот на издавањето или до истекот на важноста на пасошот врз основа на кое и тоа издадено.