Советот за надворешни работи на ЕУ ќе расправа за Западниот Балкан, Украина, Блискиот Исток и односите со Африка

Односите на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан, најновите случувања поврзани со Украина, состојбата на Блискиот Исток, пред се во Сирија, како и соработката меѓу ЕУ и Африканската Унија, ќе бидат главни теми на денешниот Совет за надворешни работи на блокот (ФАЦ), што се одржува во Луксембург. 

По завршувањето на Советот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе се одржи и првиот Дијалог на високо ниво меѓу Европската Унија и Палестинската управа, а по него и четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, со која треба да бидат отворени нови поглавја од преговарачкиот процес на Тирана за членство во блокот. 

Западниот Балкан ќе биде тема за дискусија на министрите за време на работниот ручек, при што тие ќе разменат мислења за односите на ЕУ со партнерите од регионот, фокусирајќи се на дополнителното зајакнување на безбедносната и одбранбената соработка и на промовирање на регионалната стабилност и безбедност, во услови на актуелните политичките предизвици. 

Според најавата, Калас ќе ги информира министрите за нејзината неодамнешна посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, како и за најновиот развој на настаните поврзани со дијалогот меѓу Белград и Приштина. 

Се очекува дискусијата да се фокусира на различни аспекти на односите меѓу ЕУ и партнерите од Западниот Балкан, особено на регионалната стабилност и безбедност, случувањата во Босна и Херцеговина и во Србија, како и на соработката со клучните актери во регионот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен