Во морскиот дел на 17 наутички милји јужно од малиот грчки остров Гавдос утрово завршила повеќечасовната акција на Крајбрежната служба на Грција за спасување на околу 520 мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Крајбрежната служба на Грција информираа дека лицата кои се пренесувале во рибарски брод биле спасени од два брода, меѓу кои и еден товарен што под знаме на Бахами пловел во близина, а во акцијата учествувале и два авиони на Фронтекс и четири бродови што биле во близина.
Мигрантите ќе бидат пренесени на Крит, каде што во изминатите денови беа пренесени стотици мигранти, кои од либискиот брег тргнаа кон Грција, а според локалните медиуми од островот не постојат доволно простори за згрижување на толку голем број лица.
Процените се дека од викендот во близина на Крит и Гавдос на југот од Грција беа спасени околу 2.000 мигранти.
Мигрантското прашање се очекува да биде во фокусот на денешната средба на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со министерот за миграција и азил Танос Плеврис, средба што била од претходно закажан, меѓутоа доаѓа само неколку часа откако либиската Влада во Бенгази ги прогласи за непожелни еврокомесарот за миграција Магнус Брунер и министрите на Италија, Грција и Малта кои беа во посета на Либија.
Еврокомесарот и министрите откако пристигнале на меѓународниот аеродром во Бенгази, биле информирани дека треба веднаш да ја напуштат либиската територија и се сметаат за непожелни „поради нивното кршење на дипломатските норми и меѓународните конвенции“.