„Говор без визија за иднината на државата, без гласност за граѓание и во сенка на парламентарното мнозинство и Владата“. Ова е генералната оценка на пратеничката група на СДСМ за годишното обраќање на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, во Собранието.
Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски потенцираше дека Сиљановска Давкова, наместо да каже нешто конкретно во делот на политиките, таа на јавноста и соопштила каде се била и какви средби остварила.
Според, Спасовски, претседателката, наместо декларативни заложби за национално единство, треба да понуди конкретни чекори за важните прашања во државата.
„За да има единство треба да имаме дијалог, за да има дијалог некој ќе треба да повика и да организира. Ние како СДСМ и коалиција сме подготвени да разговараме за сите прашања важни за државата, да има дијалог и да се постигне консензус. Доколку постои предлог за евроинтегративните процеси на државата тој предлог треба да биде споделен и со парламентарната опозиција и заеднички да разговараме и да изградиме заеднички ставови“, рече Спасовски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, рече дека, Сиљановска Давкова, освен што се ‘повикува на граѓаните и суверенитетот којшто им припаѓа, требала да каже ‘барем неколку реченици за состојбата на економскиот план’.
„Очекувавме да каже став и зошто законодавниот дом, ретко разгледува закони во редовна постапка, туку над 90% се по скратена постапка, на што Силјановска-Давкова, жестоко се спротивставуваше во изминатиот периот. Во делот на транспарентноста, во нејзиниот говор, очекував јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки со којшто се руши транспаретноста. Очекувам и ја повикувам да не го потпише овој Указ“, рече Спасовски.
Спасовски рече дека од Сиљановска Давкова очекувал и осуда на постапките за промена на законодавството, промените во регулаторните тела, комисиите, на противзаконски укинатите мандати на одредени луѓе. ‘Или двете автентични толкувања на Законот за надворешни работи со коишто се создаваат можности на мала врата за рушење на дипломатската мрежа, што е надлежност на претседателот на државата. Ова се работи за коишто требаше да се прати порака’.
Спасовски рече дека Сиљановска Давкова ќе добие поддршка од СДСМ за унапредување на состојбата во Армијата и подобрување на животниот стандард на војниците. Пратеничката група на СДСМ очекува конкрени политики во делот за еднакви можности на жените во политичкиот живот.