Седницата за опозициски прашања во Собранието попладнево е повторно прекината со еден час пауза, овојпат на барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски, кој побара во законодавниот дом да дојде претседателот Африм Гаши и да се свика ад хок координација за состојбата со пожарите.
„Барам веднаш Африм Гаши да се врати и да свика ад хок координација и да видиме како може Собранието да помогне во оваа ситуација, рече Спасовски. Додаде дека во оваа кризна ситуација, во која, рече, во пожарот има и жртва во Крива Паланка, Парламентот треба да има поголема одговорност.

Спасовски реагираше процедурално откако пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска постави три прашања до министерот за социјална политика, демографија и млади, кој не присуствуваше на седницата исто како ни неговиот заменик.
Координаторот на СДСМ рече дека не е првпат на овие седници за опозициски прашања да се присутни „еден до тројца од 24-те министри во Владата“.
„Деловничките норми не се само за на хартија, некој треба да ги почитува. Министрите во Владата треба да бидат поодговорни зашто се избрани од пратениците, а непочитување на пратениците е непочитување и на граѓаните“, рече Спасовски.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска даде пауза до 18.40 часот. Му одговори дека ќе реагираат писмено до Владата, но му укажа на Спасовски дека согласно член 42 од Деловникот, должни да присуствуваат на овие седници се само министрите или нивните заменици за кои се најавени прашања од опозициски пратеници.
Пратеничката Јованка Тренчевска постави три прашања – за негрижа кон штитениците во Завод за рехабилитација Бања Банско и во Специјален завод Демир Капија – каде што, рече, имало непријавен инцидент на вработен врз штитеник. Таа праша и за проблеми во финансирањето на инвалидските организации за кои буџетот е помал за 21 милион денари во споредба со 2024 година.