Српското Министерство за надворешни работи оцени дека договорот меѓу Хрватска и Албанија со Косово ја „поткопува регионалната стабилност“.
Српското Министерство за надворешни работи ќе испрати итно барање до министерствата за надворешни работи на Хрватска и Албанија за детално објаснување во врска со потпишувањето на трилатералниот меморандум за соработка со Косово во областа на одбраната.
Со тој договор, според оценката на Министерството во Белград, двете земји „презедоа чекори кои ја поткопуваат регионалната стабилност“.
Властите во Белград, кои не ја признаваат државноста на Косово, оценија дека иницијативата, која се спроведува без Србија, но со Приштина, „претставува отворена провокација и грубо непочитување на реалноста на теренот“.
„Очекуваме итен одговор од Загреб и Тирана за вистинските намери и крајни цели на оваа опасна воено-безбедносна игра. Србија нема да дозволи никакви еднострани дејствија кои можат да го загрозат нашиот територијален интегритет, безбедноста на граѓаните и мирот во регионот“, се вели во соопштението.
Српското Министерство за надворешни работи оцени дека меморандумот е резултат на „стратегија насочена кон изолација на Србија“.
Во Охридскиот договор постигнат во 2023 година меѓу Србија и Косово, меѓу другото стои дека Србија „нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“.
Министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово на 18 март во Тирана потпишаа Декларација, со која се зајакнува трилатералната соработка и се нагласува важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици кои можат да ја загрозат регионалната стабилност.
Декларацијата вклучува, како што јави Хрватската радио телевизија, унапредување на одбранбените способности и соработка меѓу одбранбените индустрии, зајакнување на интероперабилноста преку образование, обука и вежби, борба против хибридните закани, како и целосна поддршка за евроатлантските интеграции.
Како што е наведено, отворена е можноста и за други членки да се приклучат на Декларацијата.