Србија со 15-минутен молк им оддаде почит на жртвите во Нови Сад

Со симболично петнаесетминутно молчење и привремена блокада на сообраќајот илјадници луѓе во градовите низ Србија денеска им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

На комеморативната акција „Србија, застани“, која симболично започна во 11 часот и 52 минути, кога падна настрешницата и усмрти 15 лица, повикаа повеќе граѓански активистички здруженија, иницијативи и движења, како и српската опозиција.

Сообраќајот денеска беше блокиран на повеќе локации во Белград, а граѓаните во знак на почит и изразување протест поради, како што велат, бавната истрага за несреќата, се собраа и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Крушевац, Зајечар, Ваљево, Трстеник и други градови, повторувајќи ги барањата да се гонат одговорните за фаталниот пад на настрешницата.

Во истрагата што ја спроведува Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, досега се уапсени 12 лица, а по едно лице се трага.

Меѓу уапсените беше и до неодамна министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, кој пет дена по несреќата „од морални причини“ поднесе оставка, негирајќи ја својата одговорноста и кривична вина. Сослушувањата се во тек.

Потоа следуваа оставки на поранешниот министер во истиот ресор Томислав Момировиќ, директорката на државната компанија „Инфраструктура на железници на Србија“, Јелена Танасковиќ и нејзиниот претходник на таа функција Небојша Шурлан, кои беа уапсени еден ден подоцна. 

Радио-телевизијата на Србија денеска јави дека почнале сослушувањата на дел од уапсените, без да наведат повеќе детали, освен дека не се знае дали сите ќе бидат сослушани денеска и кога судот ќе одлучи за евентуалниот притвор.

По несреќата неколку протести се одржаа во Нови Сад и Белград. Група републички и покраински опозициски пратеници и советници на Собранието на Нови Сад ги блокираа обвинителството и зградата на судот во Нови Сад пред два дена, барајќи побрза истрага, гонење на одговорните и ослободување од притвор на активистите уапсени за време на претходните протести.

Зачлени се на нашиот е-билтен