Италијанската премиерка Џорџа Мелони оствари средба со својот словачки колега Роберт Фицо во „Палацо Киџи“, канцеларијата на италијанските премиери, јавија италијанските медиуми.
По средбата на двајцата лидери, кабинетот на Мелони објави заедничка изјава за медиумите. Во неа, двајцата лидери изразуваат задоволство од интензитетот и квалитетот на политичкиот, институционалниот и експертскиот дијалог меѓу двете земји. Мелони и Фицо истакнуваат дека позитивно ја оценуваат позитивната динамика во билатералната соработка и взаемниот интерес таа соработка да се продлабочи во секторите на автоматизацијата, новите технологии, транспортната инфраструктура, обновливите извори на енергија и нуклеарната енергија од нова генерација, се вели во заедничката изјава за медиумите.
Во областа на одбраната, двајцата лидери го потврдија својот интерес за продлабочување на билатералната соработка, вклучително и преку проекти насочени кон зајакнување на одбранбената индустрија, поддршка на економскиот раст и придонес за зголемување на нивната безбедност.
Премиерката Мелони и премиерот Фицо, исто така, разменија мислења во врска со основните приоритети на агендата на ЕУ, се вели во текстот.
Во однос на управувањето со миграциските текови, тие го потврдија значењето на борбата против нелегалната миграција и повикаа на засилена соработка со земјите на потекло и транзит на мигрантите. Двете страни ја истакнаа важноста на иновативни решенија, како што е она што Италија го применува во Албанија со центри за мигранти, пресретнати во Средоземното Море.
Што се однесува до конкурентноста, во соопштението се вели дека Словачка ја изразува својата целосна поддршка за иницијативите на италијанската влада насочени кон зајакнување на секторите од стратешко значење за словачката економија, како што се автомобилската и индустријата за челик.
Во врска со претстојните преговори за повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, Италија и Словачка се согласија дека е неопходно ЕУ да располага со адекватни ресурси за да ги реализира своите приоритети и да ја зачува силната кохезиона политика и стабилната заедничка земјоделска политика, со цел да се промовира регионалната и социјалната кохезија.
Мелони и Фицо разговараа и за нивната поддршка за постигнување праведен и траен мир во Украина и нивната посветеност на обнова на земјата. Италија во јули ќе биде домаќин на Конференцијата за обнова на Украина.
На крајот, двајцата лидери потсетија на својата посветеност на стабилен и мирен Блиски Исток. Тие побараа итно ослободување на сите заложници кои сè уште ги држи Хамас и се заложија за постојан прекин на огнот во Појасот Газа. Тие ја потврдија и својата поддршка за решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт, при што независна палестинска држава ќе живее во мир и безбедност покрај Израел, се вели во текстот на соопштението за медиумите од средбата на Мелони со Фицо.