Средби на собраниската делегација со италијански пратеници: Без интеграција на Балканот во ЕУ, ризикуваме создавање на географски вакуум

Претседателот на Собранието, Африм Гаши во рамки на официјалната посета на Италија денеска имаше средба со сенаторката Ема Паванели, која е и претседателка на Билатералната група за соработка со државите од Балканот на италијанскиот Парламент и членовите на Групата, со претседателот ичленовите на Комисијата за надворешна и европска политика, Џулио Тремонто и со претседателот на Комисијата за политики за ЕУ Џиљо Виња.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба на средбите претседателот Гаши подвлекол дека билатералните односи меѓу РС Македонија и Италијанската Република во континуитет повеќе од три децении се одвиваат на отворен, искрен и пријателски начин и без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Континуираната поддршка, кажал тој, сведочи за визијата на Италија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и во Европската унија, чиј заеднички именител е просперитетен регион без конфликти и отворени прашања.

На средбите Гаши зборувал за скрининг процесот, кој, како што оценил, многу успешно завршил пред две години, со високи оценки од Европската комисија и изразил очекување дека за време на полското претседавање со Советот на ЕУ ќе се испрати конкретен и јасен сигнал до сите земји-членки, дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија е повеќе од императив, како и проценка дека секое натамошно одолговлекување на процесот на проширување на Унијата ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски, енергетски, безбедносен, така и на политички план. 

Пратеничката Благица Ласовска, која е дел од собраниската делегација, се осврнала на придонесот на нашата земја во политиките на Унијата иако не е членка на Унијата, од поддршка за време на мигрантската криза, преку усогласување со заедничката безбедносна политика до приклучување на санкциите од Унијата. Наместо членството да се заснова на придонес и исполнување на Копенхашки критериуми, истото е условено од билатерален спор. Тоа придонесува за негативна перцепција на граѓаните и намалување на нивната поддршка за членство во Унијата.

Димитар Ковачевски истакнал дека поддршката и разбирањето од Италија за придонесот на нашата држава во европските процеси треба да се пренесе и меѓу земјите членки на Унијата. Особено затоа што членството на нашата држава во Унијата, нема да е придобивка само за државата, туку и за Унијата. 
 
На средбите била истакната и подготвеноста за натамошна взаемна поддршка и соработка меѓу постојаните делегации во парламентарните собранија на НАТО, Советот на Европа, OБСЕ, Медитеранот, ИПУ, како и конструктивната соработка во рамките на Јадранско-Јонската Иницијатива, и во Централно-европската Иницијатива, каде Италија е земја-основач.

Како што се наведува во соопштението, присутните се заложиле за унапредување и на повеќе сегменти на меѓудржавна соработка, во економијата, но и во културата, образованието, туризмот и здравството, а Протоколот за соработка овозможува отпочнување на повеќе иницијативи за размена на искуства и парламентарни практики од взаемна потреба и интерес. 

Зачлени се на нашиот е-билтен