САД не ја гледаат утрешната средба во Ријад со руската делегација како почеток на „преговорите“ за Украина, туку како продолжение на телефонскиот разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и Владимир Путин, објави Стејт департментот.
„Мислам дека тоа не треба да се гледа како нешто што ќе биде детално или како каков било напредок кон каков било вид преговори“, изјави за новинарите портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Водечките руски претставници ќе разговараат со нивните американски колеги за обновување на врските, Украина и подготовка за средба меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, соопшти денеска Кремљ.
И Стејт департментот денеска потврди дека утре во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија ќе има средба меѓу високи руски и американски претставници.
Засега во овие разговори не се вклучени ниту Европејците, ниту Украина.
Руската страна на средбата во Ријад ќе ја претставуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешни работи Јуриј Ушаков, додека американската страна ќе ја претставуваат државниот секретар Марко Рубио, пратеникот на претседателот Трамп за Блискиот исток Стив Виткоф и советникот за национална безбедност Мајк Волц.
По денешното пристигнување во Ријад, Рубио рече дека разговорите првенствено ќе се фокусираат на „обновување на целиот комплекс на американско-руски односи“ и организирање „можни разговори“ за Украина и средба меѓу двајцата претседатели.