Стенергард: Шведска се залага за ЕУ санкции против неколку израелски министри

Шведска е за европски санкции против „одредени израелски министри“ доколку нема подобрување на ситуацијата во Појасот Газа, изјави денеска шефицата на дипломатијата Марија Малмер Стенергард.

„Шведска е пријател на Израел, но сега мораме уште повеќе да го кренеме гласот. Ќе се залагаме за европски санкции против одредени израелски министри кои ја поддржуваат политиката на нелегални населби и активно се спротивставуваат на идното решение за две држави“, напиша таа во порака, пренесоа француските медиуми.

Според Стенегард, Европската Унија треба да го разгледа списокот на министри против кои би биле воведени санкции.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска имаат средба во Брисел.

„Со голема сериозност го набљудуваме начинот на кој израелската Влада продолжува да ја влошува ситуацијата, и со своите изјави и со своите постапки“, рече шведската министерка.

Таа додаде дека Шведска веќе неколку пати побарала од израелската Влада да овозможи подобар хуманитарен пристап за населението во Газа.

Марија Малмер Стенергард вчера го осуди планот на Израел да ја преземе контролата врз целиот Појас Газа, велејќи дека тоа е спротивно на меѓународното право.

Зачлени се на нашиот е-билтен