Сто педесет и три години од раѓањето на Гоце Делчев, централната свеченост во Св. Спас

Во земјава денеска се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

Централното чествување по повод раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност ќе биде во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Собранието, делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија,…

Поради одбележувањето, ќе биде воведен посебен сообраќаен режим околу црквата „Св. Спас“. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Самоилова“ на потегот од ул.„Иљо Војвода“ до крстосница со ул.„Прохор Пчински“.

Роденденот на Гоце Делчев ќе биде одбележан и во Штип. Пред спомен – бистата во дворот на Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Ново Село ќе биде положено цвеќе, по што беседа за македонскиот револуционер ќе одржи проф. д-р Ана Витанова – Рингачева, а предвиден е настап на Академски хор на Музичка академија при УГД – Штип и Универзитетскиот ансамбл „Македонија“.

На годинашното чествување не е најавено доаѓање на официјална делегација од Бугарија.

Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев вчера изјави дека заедничко одбележување на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе нема, бидејќи Бугарија не добила покана од Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен